
ДУШАТА НА ВЕРНИКОТ И ДУШАТА НА НЕВЕРНИКОТ
Ебу Хуреје, Аллах нека биде задоволен со него, вели дека Пејгамберот, а.с., рекол: "Навистина кај болниот се присутни мелеките и во смртниот час, ако човекот е добар, тие велат: - Излегувај, о добра душо, ти си била во добро тело, оди пофалена, радувај се на убавината и мирисот, Твојот Господар не е лут на тебе. Така и зборуваат се додека душата не го напушти телото. Потоа ја носат во небеските височини и ќе побараат премин од мелеките, кои прашуваат: - Кој е овој ? А тие одговараат: - Тој и тој. Потоа велат: - Добредојде, убава душо, си била во добро тело, влези пофалена и радувај и се на убавината и на мирисот, Господарот не е лут на тебе. Така зборуваат се додека не дојде височината каде се наоѓа Аллаховиот престол.
А ако бил лош човек, за него велат: - Излегувај, валкана душо, оди понижена, те чека распламтен оган и смрдеа. И други слични на овие, многубројни маки. Така ќе му зборуваат се додека душата не се раздели од телото. Потоа со неа ќе се дигнат во небеските височини, ќе бараат дозвола за влез, чуварите на капиите ќе прашуваат: - Кој е овој ?, а мелеките ќе речат: - Тој е тој и тој. Чуварите ќе одговорат: - Нема влез за таа валкана душа, што била во валкано тело. Врати се понижена, тебе нема вратите да ти се отворат. Потоа душата од височина ќе се врати во гробот."
СТРАДАЊАТА ВО ГРОБОТ
Од Ибн Омер, Аллах нека биде задоволен со него, се пренесува дека Аллаховиот Пратеник, с.а.в.с. рекол: "Страдањата во гробот се вистина. Ако некој би можел да ги избегне тоа би бил С'ад ибн Муаз." Овој хадиз го пренесува Ахмед во Муснед, со веродостоен сенед.
За ова постојат многу хадиси и тоа познати. Зборуваат дека нема никој да ги избегне страдањата во гробот, па дури ниту децата.
Од Енес, Аллах нека биде задоволен со него, се пренесува дека Пејгамберот, а.с. рекол:
"Ако некој ги надминеше и избегнеше страдањата во гробот тоа би било ова момче", т.е. С'ад ибн Муаз.
ИСКУШЕНИЈАТА ВО ГРОБОТ
Муслиманот е должен да верува во вистинитоста и постоењето на искушенијата во гробот, без дилема и расправија за начинот. Да се верува онака како за тоа не известил Аллаховиот Пратеник с.а.в.с..
Меѓутоа, за оние кои се сомневаат, ќе наведеме пример на човек кој спие и сонува. Тој тогаш може да чуствува бол и тегоба, а исто така може да чуствува среќа и задоволство.
Тој сето тоа го доживува во состојба во која спие, неговото тело е испружено, очите затворени, а како тогаш да не поверуваме во она што не известил Аллаховиот Пратеник, с.а.в.с. за искушенијата во гробот.
Мајката на верниците, Аиша, р.а. Вели:
"Кај мене дојдоа две старици, еврејки, од Медина, и ми рекоа: - Навистина жителите на гробот ќе бидат подложени на казни. А јас не се сложив со тоа", вели Аиша, "па тие заминаа. Потоа дојде Аллаховиот Пратеник с.а.в.с. и јас го прашав: - Аллахов Пратенику, две старици, еврејки, од Медина беа кај мене. Тие тврдат дека луѓето во гроб ќе имаат потешкотии., така што и стоката ќе слушне. - Јас, вели Аиша, - го видов Пејгамберот како после намаз бара заштита од искушенијата во гробот." (Муслим)
А Есма, ќерката на Ебу Бекр, р.а., вели: - Станал Пејгамберот а.с. еднаш да одржи говор, па ги спомнал искушенијата во гробот со кои луѓето ќе бидат искушувани, па зборувал за тоа, а муслиманите тоа внимателно го следеле. (Бухари)
ОПИС НА ИСКУШЕНИЈАТА ВО ГРОБОТ
Порано истакнавме во хадисот на Бер'а ибн Азиб како гробот на верникот се простира во џеннетската простирка, потоа му се отвараат вратите од Џеннет од каде доаѓа убав и пријатен мирис. Гробот ќе се прошири колку да може окото да погледне, а неговите дела кои ги работел на Земја, ќе му се претстават во лик на човек со убав изглед и облека, кој ќе му донесе радосна вест. Потоа ќе му се покаже местото во Џехеннем кое му е подготвено во случај да бил грешник. Исто така, дознавме дека на грешникот или неверникот ќе му се простре џехеннемската простирка и дека ќе му се отворат врати од каде што ќе се појави огромна горештина и смрдеа. Потоа гробот ќе се стесни така што неговите коски едни во други ќе навлезат. Тогаш ќе му се појават неговите лоши дела во лик на грд човек, во одело кое смрди. Тој ќе му донесе непожелни вести. Потоа ќе му се појави глув и слеп човек, во чии раце има железен чекан, кога со него би удрил планина, таа би се претворила во прашина.
На ова уште можеме да му го додадеме хадисот каде Аллаховиот Пратеник с.а.в.с. вели: "Кога некој од вас ќе умре, ќе му се покаже неговото место наутро и навечер, ако е од жителите на Џеннет, местото во Џеннет, а ако е од неверниците, местото во Џехеннем. Тогаш ќе му се рече: - ова ќе биде твое место кога Аллах ќе те оживее на Судниот ден." (Бухари и Муслим)
|