Main » Files » АКИДА |
06.14.2014, 4:49 PM | |
Прашање 10. Каде се спомнува пратеништвото, а каде веровесништвото на Мухаммед, алејхис-селам?
Одговор 10. Прво, Аллаховите зборови кои што се однесувале на Мухаммед, саллаллаху алејхи ве селлем, но без наредба да го проповеда Исламот и се наоѓаат во сурата[1] „Ел-Алек“. [2] Потоа му било заповедано да го проповеда Исламот со објавувањето на сурата „Ел-Муддессир“. [3] Прашање 11. Кое е најголемото чудо на Пратеникот, алејхис-селам?
Неговото најголемо чудо со кое се докажува неговото пратеништво и веровесништво е Кур’анот, кој што му е даден како предизвик против скептиците и нивните помагачи од луѓето и од џинните. Сите тие до ден денешен, и покрај нивната реторика и книжевен талент, не успеале да состават слично дело. Доказ за тоа се Аллаховите зборови чие што значење гласи: „Ако се сомневате во она што му го објавивме на Нашиот роб, тогаш составете една сура што ќе биде слична на нему објавените, и повикајте ги за сведоци оние кои што на Аллах рамни Му ги сметате, доколку вистината ја зборувате.“ (Кур’ан, 2:23); и: „Кажи: ‚Кога би се здружиле сите луѓе и џинни да состават нешто што ќе биде слично на Кур'анот, не ќе можат да состават ништо слично нему, па било да се помагаат едни со други.‘“ (Кур’ан, 17:88)
Прашање 12. Кој е доказот дека Мухаммед, алејхис-селам, е веровесник?
Како доказ за веровесништвото на Мухаммед, саллаллаху алејхи ве селлем, наведени се Аллаховите зборови чие што значење гласи: „Мухаммед е само пратеник, а и пред него имаше пратеници. А ако умре или ако биде убиен, зарем ќе се вратите по стапките ваши?[1] А оној што ќе се врати по стапките свои на Аллах во ништо нема да му наштети, а благодарните Аллах ќе ги награди!“ (Кур’ан, 3:144); и: „Мухаммед е Аллахов пратеник, а неговите следбеници се строги кон неверниците, а милостиви едни со други. Ги гледаш и на руку и на сеџда, како ги бараат благодетите и задоволството Аллахово. Има белези на лицата нивни од трагите на сеџдата. Така се опишани во Тевратот.[2] А во Инџилот:[3] како семе што ќе го исфрли никулецот негов, ќе се зајакне, а потоа ќе се затврди врз стеблото, вчудоневидувајќи го сејачот; за Тој со верниците да ги разлути неверниците. А Аллах им ветува прошка и награда голема на оние кои веруваат и кои чинат добри дела!“ (Кур’ан, 48:29) Прашање 13. Што е доказ за пратеништвото на Мухаммед, алејхис-селам?
Доказ за пратеништвото на Мухаммед, алејхис-селам, е Аллаховиот говор чие што значење гласи: „Мухаммед не е татко никому од вас, туку е само Аллахов пратеник и последен веровесник, а Аллах сè најдобро знае!“ (Кур’ан, 33:40) Овој ајет докажува дека тој е последниот и најдобриот во низата Божји пратеници.
Прашање 14. Со која цел Возвишениот Аллах, го пратил Мухаммед, алејхис-селам?
Аллах, субханех ве те’ала го пратил Мухаммед, алејхис-селам, со цел да им укаже и да ги упати луѓето да Го обожуваат единствено Него Возвишениот, и да не Му придружуваат никого и ништо во обожувањето, како што се на пример мелеците, пратениците, евлиите, камењата или дрвјата – со еден збор, идолите. Возвишениот Аллах во Кур'анот, во превод на значење, вели: „И Ние не испративме ниту еден пратеник пред тебе, а да не му објавивме: ‚Нема друг бог освен Мене, затоа само Мене обожувајте ме!‘“ (Кур’ан, 21:25); и: „И Ние за секој народ испративме пратеник: ‚Обожувајте Го Аллах, а избегнувајте ги тагутите[1]!‘“ (Кур’ан, 16:36); исто така и: „И прашај дали на пратениците Наши, кои што пред тебе ги праќавме, дали им наредивме, освен Милостивиот, други божества да се обожуваат?“ (Кур’ан, 43:45) Исто така, во превод на значењето, вели: „Џинните и луѓето ги создадов само за да Ме обожуваат.“ (Кур’ан, 51:56) Според овие ајети јасно е дека Аллах, џелле ша’нуху, сè што создал постои само за да Го обожува, па им го пратил Неговиот пратеник на Неговите робови да им укаже и да им заповеда да Го обожуваат само Него. [1] Тагут – шејтан, ѓавол, сотона, тој што е обожуван покрај Аллах и е задоволен со тоа обожување, Тој што ги повикува луѓето да го обожуваат него, тој што тврди (претендира) дека го знае гајбот (невидливото), тој што суди спротивно на исламските закони. Ова е дефиниција дадена од големиот исламски научник Салих ел-Феузан (заб. на прев.).
Прашање 15. Која е разликата помеѓу тевхидур–рубубијје и тевхидул–улухијје?
Тевхидур–рубубијје значи признавање на Аллах, џелле ша’нуху, за единствен Господар и Создател на сè, дека снабдува, дава живот и смрт, праќа дожд, создава секакви растенија, одржува и одредува сè во универзумот, а се однесува на признавање на Неговите дела. Тевхидул–улухијје значи дека сите ибадети од луѓето и џинните Му припаѓаат на Аллах, џелле ша’нуху, како што се молењето, копнежот, почитта, покорноста, понизноста, каењето, стравот, потчинетоста, зависноста од Него и секаков друг вид и начин на обожување, а се однесува на делата кои луѓето и џинните се должни да ги извршуваат спрема Него.
Прашање 16. Кои начини и облици на обожување Му припаѓаат единствено на Аллах, џелле ша’нуху?
Ова се некои од начините и облиците на обожување или ибадет[1] кои единствено Му се посветуваат на Аллах, субханеху ве те’ала: барање помош за нешта кои единствено Тој ги може, принесување курбан, наведнување (поклонување или руку), спуштање на сеџда, заветување, страв и надеж, зависност од Него, покајување, љубов и надеж, стравопочитување, богобојазност, понизност, покорност и потчинетост, кои што го покажуваат нашето признавање на Неговата Величественост, Совршеност и Возвишеност, а која е божествено својство. [1] Ибадет – Робување, обожување на Единиот Бог, Господар и Создател, Аллах (заб. на прев.). Прашање 17. Кое е најголемото дело од кое што Аллах е задоволен? А што е најголемото дело што Аллах го забранил?
Најголемото дело од коешто Аллах, субханеху ве те’ала, е задоволен е тевхидот,[1] а најголемото нешто што го забранил е ширкот,[2] па кој и да стори некаков акт на ибадет кон било што друго освен кон Аллах, џелле ша’нуху, тогаш тој го зел тоа нешто за божество покрај Аллах, џелле ша’нуху, и со сигурност починил ширк. [1] Тевхид - монотеизам, верување во Едноштвото на Аллах, џелле ша’нуху (заб. на прев.). [2] Ширк - политеизам, придружување на некого или нешто на Аллах во обожувањето (заб. на прев.).
Прашање 18. Кои се трите принципи кои треба да ги научиме и да се придржуваме до нив? Тоа се: 1. Аллах нè создал и нè опскрбил со богатство. Тој не нè заборавил, туку ни испратил пратеник, па кој ќе му се покори на Пратеникот, алејхис-селам, ќе влезе во џеннетот, а кој нема да му се покори ќе влезе во џехеннемот. 2. Аллах, субханеху ве те’ала, не дозволува ништо да Му припишуваме во обожувањето, па ниту најблискиот мелек или пратеник, а камоли нешто друго или некој друг.
3. Оној што му се покорува на Пратеникот, саллаллаху алејхи ве селлем, и верува во едноштвото на Аллах, субханеху ве те’ала, не му е дозволено да пријателува со оние кои што Му се спротивставуваат на Аллах и на Неговиот пратеник, па дури и да му се најблиски роднини и најверни пријатели. Прашање 19. Што значи Аллах?
Аллах на арапски јазик значи Бог. Врховен и единствен Бог, Господар и Создател, во христијанството познат како Отецот, а во јудеизмот како Јахве. Оној што е единствено достоен за обожување. Господар на сите Негови созданија, материјални и духовни. Аллах е личното име на Бог кое што и во Кур’анот го објавил, едно од повеќето Негови убави имиња и соврешени својства. Прашање 20. Со каква цел нè создал Аллах?
Аллах, џелле ша’нуху, нè создал со цел да Го обожуваме, Нему само да Му се покоруваме, потчинуваме и искрено да Му робуваме.
припрема www.tewhid.ucoz.org
од книга-50 Прашања и одговори од областа на исламското верување
автор-ИМАМ ТЕМИМИ
Преведе од англиски
Јасмин Реџепи | |
Views: 393 | Downloads: 0 | |
Total comments: 0 | |